Сириските бунтовници вчера убија најмалку 11 лица, вклучувајќи и цивили, при напад на контролен пункт западно од градот Хомс, пренесоа британските медиуми.
Државните сирииски медиуми настанот го окарактеризираа како масакр.
Повеќето од убиените биле христијани, изјавија активисти и локални жители.
Некои биле членови на „Армијата за национална одбрана“ – милиции што се борат на страната на претседателот Башар ал Асад, а други биле цивили, изјавија тие.
Државните медиуми, цитирајќи сириски претставник, соопштија дека „терористи“ вчера извршиле напад во околината на Хомс, убивајќи 11 лица.
Сирискиот центар за мониторинг на човековите права соопшти дека вооружени лица го нападнале пунктот, убивајќи петмина борци на милициите и шестмина цивили, вклучувајќи и две жени.
Според организацијата, бунтовничките борци, исто така, имале жртви.
Локален жител изјави дека го посетил местото на нападот и видел останки од разурнатиот пункт и две цивилни возила, чии патници можно е случајно да се нашле во средина на судирот.
Според него, пунктот се користел како артилериска база за гаѓање на бунтовничкиот град Хосн, на околу два километри, што се наоѓа под тврдината Крак де Шевалие од времето на Крстоносните војни.
Многу христијани, бегајќи од насилството во Хомс во последните две години, се сместија во христијанските села во реонот на вчерашниот напад, забележуваат британските медиуми.