Узбекистанскиот претседател Шавкат Мирзојојев го отфрли усвојувањето на уставните измени во земјата со кои требаше да се спречи регионот Каракалпакстан да одржи референдум за отцепување од земјата.
Тој тоа го изјави денеска откако пред два дена, во петокот, во Нука, главниот град на Каракапакстан, изби голем протест против уставните измени, наведуваат американските медиуми и додаваат дека демонстрантите притоа наводно се обиделе да заземат и владини згради и се судриле со полицијата.
Узбекистанскиот претседател од ноќеска до 2 август воведе едномесечен полициски час во овој пустински регион на земјата, што ќе важи ноќе и ќе биде дел од вонредна состојба во овој регион, се наведува во указот на претседателот, објавен на неговиот сајт, пренесоа руските медиуми.
Каракалпакстан е широк, доминантно пустински регион во северозападниот дел на Узбекистан.
Претседателот Мирзијојев (59) по немирите од петокот се сретна со регионалните парламентарци и подоцна најави дека предложениот нов Устав ќе го задржи правото на регионот да бара отцепување.
Како што е наведено во документот, неопходно е да се формира команда на територијата на Каракалпакстан, на чело со командантот на Националната гарда Рустам Џајев. За периодот на вонредната состојба, претседателот, исто така, нареди да се зајакне заштитата на јавниот ред во Каракалпакстан, особено важните и категоризирани објекти, да се воведат ограничувања на слободата на движење, вклучително и на возилата, да се обезбеди проверка на документите, лични претреси, како и да се ограничи влез и излез од Каракалпакстан .
Забрането е организирање и одржување мирни собири, забавни, спортски и други јавни настани, како и продажба на оружје и муниција. Истовремено, наредил привремено одземање на оружје и муниција од физички лица.