Имиграцијата и вработувањето во Германија наскоро би можеле да станат уште полесни.
Секој што знае да работи нека дојде! Вака накратко може да се опише апелот на Кристијан Диер, шеф на пратеничката група на либералите во германскиот парламент.
„По фазата на гастарбајтери во 1960-тите и 1970-тите, пазарот на трудот се затвора“, изјави Дир за Велт. „Мора да биде обратно. Денеска мотото мора да биде: секој што може да живее од неговите раце веднаш да има работна дозвола“.
Тоа би бил вообичаен говор на економски либерал, ако не за две работи: Либералите сега се на власт, заедно со социјалдемократите и зелените. Уште поважно – на изјавата на Кристијан Дир и претходеа драматични апели од голем број индустрии кои едноставно не можат да најдат доволно работна сила во Германија.
Сликите од хаос и метеж на германските аеродроми и илјадници откажани летови на почетокот на празничната сезона, ја принудија владата да интервенира и да вети експресно издавање на работни дозволи. Затоа што, за време на пандемијата, аеродромите и авиокомпаниите отпуштаа луѓе, а денес им недостасуваат повеќе од седум илјади вработени.
Очите се насочени кон Турција и Западен Балкан, од каде треба да се регрутира помошен персонал за период од најмногу три месеци. Ќе се погрижиме да нема дампинг плати и вработените да бидат добро сместени“, рече министерката за внатрешни работи Ненси Фесер.
Апелот од авиосообраќајот се уште не стивнува, а се огласија и рестораните кои експлицитно ги повикаа властите да им олеснат да донесат луѓе од Западен Балкан.
Релативно новиот закон за имиграција во Германија дозволува секој што ќе најде работодавач да работи – под услов да е стручен за нешто. Може да бидат сметководители или возачи, важно е да имаат документи.
Исклучок е таканареченото „правило на Западен Балкан“, усвоено во екот на бегалската криза, кога на мигрантите од Сирија и од Далечниот Исток масовно им се придружија баратели на азил од Србија, Македонија или Косово.
Тогаш беше прецизирано дека годишно 25.000 лица од земјите на Западен Балкан можат да добијат работни дозволи во Германија, дури и кога станува збор за неквалификувани работници.
Но, сега угостителското здружение „Дехога“ бара повеќе. „Во земјите од Западен Балкан има многу работна сила која би работела во хотелите и рестораните во Германија“, тврди првиот човек на здружението Гвидо Челик.