Музичката програма на фестивалот „Охридско лето“ продолжува со вечерашниот концерт на двајца млади пијанисти, победници на меѓународни натпревари во изминатата 2012 година.
Оваа вечер сцената на катедралната црква „Света Софија“ е резервирана за настапите на руските пијанисти Арсени Тарасевич – Николаев, лауреатот на 5-тиот Меѓународен пијано натпревар „Скрјабин“ во Москва и Варвара Непомнјашчаја, победничката на 12-тиот Меѓународен „Геза Анда“ конкурс одржан минатата година во Цирих.
Варвара Непомнјашчаја минатата година ја понесе најблескавата титула на престижниот пијанистички натпревар во Цирих, воодушевувајќи ја публиката и добивајќи суперлативни оценки на стручното жири, за нејзината брилијантна техника, нијансирање, емотивност, интелигенција.
На триумфот му претходеа години студирање на Руската музичка академија „Гњесини“, Конзерваториумот „Чајковски“, усовршување во Германија, каде сега предава на Хамбуршкиот универзитет на музика и театар. Зад неа се и бројни успеси на меѓународните натпревари во Лајпциг (Баховиот наптпревар), Нагоја, Бремен, Прага и други. Варвара Непомнјашчаја постојано настапува како солист со бројни симфониски и камерни оркестри и остварува концертни турнеи во Русија, Германија, Франција, Полска, Италија, Грција, Австрија и Швајцарија. Таа има направено повеќе снимки за радио и телевизиските куќи во Русија, Германија и Јапонија.
Арсениј Тарасевич-Николаев лани триумфираше на 5-от Меѓународен пијанистички натпревар „Скрјабин“ во Москва. Таа победа впечатливо ја дополни листата на успешните настапи на младиот пијанист роден во 1993 година. Првата победа на меѓународен натпревар тој ја освои на десетгодишната возраст кога беше прогласен за најдобар на натпреварот “Le muse” во Италија. Потоа следеа други триумфи во Русија и Италија, а во 2008 и победата на натпреварот „Новите имиња“ во Москва. Уште како студент на Московскиот конзерваториум „Чајковски“, Тарасевич-Николаев учестувува на бројни меѓународни фестивали и настапува во најпознатите концертни сали во Русија и Европа. Неговата изведба се карактеризира со врвниот професионализам, одушевувачки ентузијазм, префинето фразирање и чувство на стил.
Почетокот на концертот е во стандардниот термин од 21 часот