ЕУ работи на алтернативни начини за воведување глобална корпоративна даночна стапка од 15 отсто и покрај отпорот на Унгарија, изјави денеска францускиот министер за финансии Бруно Ле Мер.
„Минималниот данок ќе биде воведен во наредните месеци без или со помош на Унгарија“, изјави Ле Мер во Париз.
Париз и Брисел размислуваат за т.н. механизам за „засилена соработка“ што ќе им овозможи на земјите-членки кои ја поддржуваат мерката да постигнат напредок без да мораат да постигнат едногласност што вообичаено се бара за текстовите за фискалната политика, изјави претставник на француското Министерство за економија.
За да функционира оваа процедура, најмалку девет земји треба да постигнат договор за законскиот текст. Земјите потоа можат да одлучат да се откажат од законодавната иницијатива доколку сакаат.
Директивата за минимален данок беше еден од главните приоритети на ротирачкото француско претседателство со Советот на ЕУ. Париз ја стави на дневен ред на министрите уште на првиот состанок во јануари, но не успеа да постигне консензус бидејќи Унгарија стави вето на текстот на последниот состанок на Советот под претседателството на Париз на почетокот од овој месец.
„Никогаш нема да се откажам од ова досие. Сите знаат дека спротивставувањето на Будимпешта нема апсолутно никаква врска со суштината на предлогот. Европа не смее повеќе да биде заложник на лошата волја на некои членки, рече Ле Мер.
Извор: МИА