Француските вооружени сили изведоа ненадејна воена вежба во Естонија, со повеќе од 100 падобранци во балтичката земја која граничи со Русија, соопшти француското Министерство за одбрана.
„Воздушната операција се одржа синоќа и овозможи за многу кратко време да бидат спуштени околу 100 падобранци од 11-та воздушно-десантна бригада на Франција над област што ја обезбедуваат естонски војници“, се вели во соопштението на војската.
Набрзина организираната вежба во Естонија, сојузник на НАТО, беше спроведена како чин на „стратешка солидарност“ среде војната на Русија во Украина.
„Воздушната операција ја илустрира способноста на француските вооружени сили да интервенираат во вонредни ситуации и да поддржат сојузничка земја“, соопшти Министерството.
Франција беше една од првите земји што испрати војници во источното крило на Европа откако Русија ја нападна Украина на 24 февруари. Во Романија има околу 500 француски војници, дел од силите за брза реакција на НАТО.
Извор: МИА