Египетската војска влезе утрово во џамијата во која цела ноќ останаа исламистички демонстранти, по судирите во петокот, кога околу сто лица го изгубија животот.
Приватната египетска телевизија ОНТВ го прикажа во живо влегувањето на војниците, додека египетскиот канал на мрежата Ал џазира пушти на својата Интернет страница снимка од војници во џамијата.
Демонстрант во џамијата, во телефонска изјава за дел од западни медиуми, бара да не бидат апсени или пак нападнати од страна на непријателски расположени граѓани, кои исто така се собираат околу џамијата.
Во судирите вчера, на „Денот на гневот“, како што го нарекуваат демонстрантите, загинаа околу сто лица во судири меѓу силите за безбедност и демонстрантите, додека 1.004 исламистички демонстранти се уапсени.