Учеството во вториот круг од законодавните избори во Франција во 12 часот достигна 18,99 отсто, соопшти МВР, што е многу малку зголемување (0,56 отсто) во однос на првиот круг пред една недела кога изнесуваше 18,43 отсто, јави дописникот на МИА.
Излезеноста порасна и во споредба со вториот круг на законодавните избори во 2017 година кога напладне достигна 17,75 отсто Од друга страна, пад е во однос на вториот круг од претседателските избори на 24 април (26,41 отсто).
За денешните резултати е клучна излезноста на гласачите. Во првиот круг на гласање излегоа само 47,5 отсто од гласачите, што е рекордно ниска излезност.
Последните анкети предвидуваат победа на коалицијата Заедно, но не е сигурно дека таа ќе освои апсолутно мнозинство од 289 пратеници од 577, колку ги има во парламентот, што е праг неопходен за спроведување на планираната политика и најавените реформи. Ако Макрон има само релативно мнозинство, претседателот и владата ќе бидат принудени да бараат поддршка во други табори. Во тој случај ќе треба да склучат сојузи и договори за одредени нацрт-закони, а потоа малцинската влада ќе мора да се потпре на силите на левиот центар или на десниот центар, во зависност од проектот.
Крајнодесничарската партија Национален собир на Марин Ле Пен, се надева на основање на парламентарна група, додека голистите од Републиканците се борат за опстанок.