Пет чести ментални пореметувања имаат низа заеднички генетски фактори на ризик, утврди меѓународна група научници.
Стручното списание „Nature Genetics“ пишува дека шизофренијата, биполарното пореметување, депресијата, нарушување на вниманието со хиперактивност и аутизмот, имаат вкупно 17-18 проценти заеднички генетски варијации кои го зголемуваат ризикот за развој на овие пореметувања.
Најголеми преклопувања се забележани меѓу шизофренијата и биполарното пореметување (15 проценти) и меѓу биполарното пореметување и нарушувањето на вниманието со хиперактивност (десет проценти).
Овие наоди се резултат на соработката на над 300 научници од 20 земји.
Во текот на истражувањето се анализирани геномите на неколку илјади испитаници, а научниците веруваат дека нивната работа ќе ги унапреди истражувањата и ќе ја олесни дијагнозата на менталните пореметувања.