Европската Комисија денеска препорача Советот на ЕУ да одобри кандидатски статус за членство во ЕУ за Украина и Молдавија, Босна и Косово и натаму остануваат последни во трката, јави дописничката на МИА од Брисел.
Претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен, и еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеји, попладнево пред новинарите го презентираа нивниот предлог, кој предвидува кандидатски статус за Украина и Молдавија, но не и за Грузија, која исто така аплицираше во исто време.
И покрај војната фон дер Лајен и Вархеји оценија дека Украина и Молдавија ги исполнуваат условите за да добијат кандидатски статус.
Тие ја пофалија Украина за имплементирањето на ЕУ законодавството, јавната администрација или пак дигитализацијата, и побараа имплементација на напорите во борбата против корупцијата и владеењето на правото.
Молдавија доби критики за јавната администрација, во другите делови нејзината апликација има слична оценка како онаа на Украина, рече фон дер Лајен.
На прашање дали Босна и Херцеговина која е потенцијален кандидат и дел од политиката на проширување со децении, како земја од Западниот Балкан, требаше исто така да добие препорака за кандидатски статус, еврокомесарот за проширување потенцираше дека БиХ треба да исполни уште услови.
-Босна и Херцеговина оди според сопствениот процес, ова важи за сите земји, БиХ треба да исполни 14 приоритети кои се наоѓаат во нашето мислење, рече Вархеји.
Тој додаде дека Европската Комисија очекува Босна да ги исполни условите, и дека не може да се редефинираат условите, бидејќи тоа би значело “давање попуст“.
Извор: МИА