Сто и дваесет пратеници од опозицијата „Има таков народ“, ГЕРБ-СДС, Движењето за правата и слободите и „Препород“ до раководството на 47. Народно собрание на Бугарија денеска поднесоа предлог за предвремено разрешување на нејзиниот претседавач Никола Минчев, јави БНР.
Според Деловникот на Народното собрание, предлогот се става на гласање на првата седница по денот на приемот, со што на претседавачот му се дава право да биде сослушан.
Гласањето за предлогот треба да се одржи утре.
Христо Иванов од „Демократска Бугарија“ изјави дека партијата стои зад претседателот на бугарскиот Парламент.
ГЕРБ, ДПС и Препород најавија дека ќе го поддржат барањето на „Има таков народ“ за оставка на претседателот на Собранието Никола Минчев.
Лидерот на Движењето за права и слободи Мустафа Карадај објасни дека нивните мотиви не се поврзани само со сослушувањето на министерката за надворешни работи во оставка Теодора Генчовска, туку и поради други случаи кога нивни прашања биле забавувани и запирани од министерот за внатрешни работи Бојко Рашков.
За да биде донесена одлуката за разрешување на Минчев потребна е поддшката од 121 пратеник.
Извор: МИА