Кинескиот претседател Си Џинпинг за време на денешниот телефонски разговор му рекол на рускиот претседател Владимир Путин дека сите страни треба да работат на решавање на кризата во Украина „на одговорен начин“, јави кинеската државна телевизија ЦТВ.
Според Си, кинеските власти се подготвени да ја поддржат Русија во решавањето на клучните прашања поврзани со заштитата на суверенитетот и националната безбедност.
– Кина е подготвена за поблиска стратешка соработка со Русија, подготвена да обезбеди меѓусебна поддршка, имајќи ги предвид клучните интереси на двете страни во однос на суверенитетот и националната безбедност, рече кинескиот лидер.
За време на разговорот, кинескиот претседател ја повтори подготвеноста на Кина да помогне во решавањето на ситуацијата во Украина.
– Кина е подготвена да продолжи да ја игра својата конструктивна улога, рече Си и објасни дека Кина зазема независен став за украинското прашање, „земајќи ги предвид фактите и историската реалност“.
– Ние активно придонесуваме за зачувување на мирот на глобално ниво. Придонесуваме и за одржување на стабилен економски поредок во светот, рече Си.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков потврди дека Путин и Си разговарале, но не кажа повеќе детали.
Извор: МИА