Американските нуклеарни централи не се доволно заштитени од евентуални терористички напади, како и од кражби на нуклеарни материјали, кои можат да се употребат за производство на оружје за масовно уништување, покажуваат податоците во извештајот на Тексашкиот универзитет, објавен вчера.
Ниту еден од 104-те нуклеарни реактори, наменети за мирновременски цели и трите истражувачки реактори во САД не се заштитени од напад на голема и и добро вооружена група терористи, како тој од 11 септември, се додава во извештајот, изработен по нарачка на Пентагон.
– Раководствата на нуклеарните централи велат дека не можат да трошат дополнителни средства за зголемување на нивото на безбедност, бидејќи тоа ќе доведе до поскапување на електричната енергија. Тие нагласуваат дека поради тоа со овој проблем треба да се позанимава Владата, изјави Ален Куперман, еден од авторите на истражувањето.
– Проблем е што тоа не се случува, додаде тој.
Според федералната Комисија за координирање на нуклеарните истражувања, која е одговорна за безбедноста на нуклеарните централи за цивили цели, заклучоците на експертите се неточни, бидејќи се засноваат на застарени информации. По терористичките напади од 11 септември 2001 година, безбедноста на сите нуклеарки во САД, според Комисијата, е значително зголемена.