Деновиве во Србија е уапсен Андриј Наумов, поранешен близок соработник на украинскиот претседател Володимир Зеленски. Според првите информации, Наумов бил уапсен на југот на Србија со Германец, наводно негов возач, под сомнение за перење пари.
За апсењето извести и српското МВР, кое наведува дека на преминот Прешево со Северна Македонија, граничната полиција пронашла 607.990 евра и 124.924 долари во готовина и два скапоцени смарагди.
Тие не пријавиле ниту пари, ниту скапоцени камења, па се обвинети дека ги стекнале со криминални активности и се обиделе да ја напуштат Србија со нив.
Наумов и неговиот возач се соочуваат со затворска казна од една до 12 години, но украинските медиуми објавија дека Наумов би можел да открие некои украински државни тајни во замена за неговата слобода. До неодамна беше еден од шефовите на украинската разузнавачка служба СБУ, додека Зеленски не го отпушти, обвинувајќи го за велепредавство.
Наумов се приклучи на СБУ во 2019 година, а во јули минатата година беше назначен за шеф на Одделот за внатрешна безбедност. Според локалните медиуми, тој ја напуштил Украина само неколку часа пред почетокот на руската инвазија, а порано го испратил своето семејство во странство. Зеленски официјално го отпушти кон крајот на март, тврдејќи дека извршил велепредавство и го нарече антихерој кој ја прекршил неговата воена заклетва.