Македонија е земја со богата историја, има и убави жени, рече денеска во Скопје, Малик Обама, брат на претседателот на САД, Барак Обама.
Малик Обама денеска ја посети Спомен куќата на Мајка Тереза, а потоа се прошета низ скопскиот плоштад Македонија, пренесе Плусинфо.
Неговото присуство на скопските улици предизвика голем интерес не само кај скопјани, туку и кај американските туристи, кои имаа несекојдневна прилика да се сликаат со братот на Барак Обама и тоа во Скопје.
– Многу сум среќен што имам можност, на покана на Меѓународната асоцијација „Балкан клуб на мирот“, да ја посетам оваа балканска држава. Ви ги пренесувам поздравите од моите сограѓани од Кенија и од Африка и мислам дека оваа посета ќе направи добар мост меѓу нашите народи и дека заедно ќе се посветиме за подобар свет. Привилегија е денеска што нашата Фондација ја добива оваа награда. Ако видиме што се случува во светот и најновите настани во Египет, ќе ви биде јасно дека мирот е многу важна работа. Сите треба да уживаме во слободата, ВО животот и да се трудиме кон подобра иднина – нагласи Малик Обама.
За безбедноста на Малик Обама во Скопје задолжена е Шестата управа на МВР.