Египетските власти денеска заради немирите во земјата ги затворија за посетители сите историски локалитети, меѓу кои се и пирамидите во Гиза, Египетскиот музеј во близина на плоштадот Тахрир и Александрискиот музеј.
-Оваа мерка е воведена заради внимателност, рече египетскиот министер за антиквитети Мохамед Ибрахим, додавајќи дека се заострени безбедносните мерки кај сите историски значајни споменици.
Во Египет денеска е воведена вонредна состојба што ќе важи еден месец, по жестоката интервенција на полицијата врз демонстрантите, во кои само во Каиро беа убиени повеќе од 120 лица.
Полицијата утринава, со поддршка на војската, почна да ги растерува демонстрантите од плоштадите на кои приврзаниците на соборениот претседател Мухамед Морси протестираат повеќе од еден месец барајќи го неговото враќање на власт.
Извештаите за бројот на погинати во Каиро се разликуваат – известувачите јавуваат дека се убиени повеќе од 120 лица, додека движењето „Муслиманско братство“, на кое му припаѓа Морси, соопшти дека погинале повеќе од 250 приврзаници на соборениот претседател.