По вчерашните насилства во Каиро и во други градови Данска ја прекина соработката со египетската Влада, изјави денеска данскиот министер за меѓународна соработка Кристиан Фрис Бах.
Данската одлука се однесува и на поддршката на проектите во режија на ИЛО, орган на ОН, и на Светската банка, пишува данскиот весник „Берлингске тиденде“ на својот сајт.
На развојот на настаните во Египет реагираше и Норвешка, која од своја страна донесе одлука за прекин на извозот на оружје и воен материјал во Египет.
Норвешкиот министер за надворешни работи Еспен Барт Еиде вели дека е се повеќе загрижен во врска со намерите на египетските армиски лидери.
За разлика од Данска и Норвешка, Шведска нема конкретни планови за прекин на соработката со Египет, јави Шведската телевизија СВТ.
Шведската поддршка на Египет е зголемена по револуцијата во таа земја во 2011 година.
Шведската финансиска поддршка главно е насочена кон проекти за развој на демократијата и човековите права.
Лани шведската поддршка на Египет изнесувала 57 милиони круни, односно околу 7 милиони евра, соопшти шведскиот владин орган СИДА.