Сирија се согласи да прими експерти на ОН, кои ќе проверат дали во граѓанската војна во земјата евентуално е користено хемиско оружје, пренесе ИТАР-ТАСС, повикувајќи се на портпаролот на светската организација Мартин Несирки.
Режимот во Дамаск ги прифатил условите, поставени од ОН, за да може екипата да ја заврши својата работа безбедно и ефикасно.
Експертите, предводени од шведскиот професор Оке Селстром, ќе отпатуваат за Сирија во најскоро време. Тие во земјата ќе останат 14 дена, а овој рок може да се продолжи по взаемна согласност.
Инспекторите на ОН ќе истражат три претпоставени напади со хемиско оружје.
Едниот од нив бил извршен, според сирискиот режим и Русија, од бунтовниците на 19 март во градот Хан ал Асал, во северната провинција Алепо, со нервнопарализирачкиот гас сарин.