„Њујорк тајмс“ ги испитува бизнис врските на Хилари Клинтон

Од:

Најчитаниот американски дневен весник „Њујорк тајмс“ во истражувачка сторија силно ја нападна фондацијата на поранешниот претседател Бил Клинтон и неговата сопруга и веројатен кандидат на претседателските избори во 2016 година Хилари Клинтон.

Весникот ја истражува улогата на фондацијата, за која пишува дека служи како расадник за советници на Хилари Клинтон за кампањата за која веќе се подготвува, но и како начин за собирање на пари и оддржување на блиските врски со бизнисмените.

Хилари Клинтон и порано беше критикувана во медиумите, поради тоа што Фондацијата во изминатите пет години, примила десетици милиони долари од владејачките семејства на низа арапски држави, како Саудиска Арабија, Кувајт и Катар, во време кога Хилари Клинтон како државен секретар требала да ги застапува американските интереси во односите со овие држави.

„Њујорк тајмс“ сега посочува за врските на фондацијата, која треба да промовира хуманитарни проекти во САД и низ светот, со консултантската компанија „Тенео“ на долгогодишниот советник на Клинтон, Даглас Бенд, кој работи со крупни клиенти, меѓу кои и финансиски корпорации вмешани во скандали.

-Бенд, кого го опишуваат како сурогат-син на Бил Клинтон, влезе во светот на консултантските услуги, односите со јавноста и трговското банкарство и ангажираше директори од Вол Стрит и советници на Клинтон за „Тенео“. Компанијата работеше на апанажа, добивајќи клиенти кои плаќале и до 250.000 долари месечно. Промотивните документи на Тенео ги истакнуваа врските на Бенд со Клинтон, пишува „Њујорк тајмс“.

Најоспорувана зделка на компанијата е работата со финансиската компанија „МФ Глобал“ на поранешниот гувернер на Њу Џерси, Џон Корзин. Банкротот на оваа компанија во 2011 година збриша 1,6 милијарди долари од влоговите на нејзините клиенти.

„Њујорк тајмс“ пренесува новинарски напис дека Хилари Клинтон била гневна поради соработката на „Тенео“ и нејзиниот сопруг со „МФ Глобал“, за да се спречи нејзино поврзување со големиот финансиски скандал.

„Њујорк тајмс“ посочува дека и други проблематични компании биле клиенти на „Тенео“, како британската финансиска корпорација „Стандард Чартерд“, која плати казна од 340 милиони долари поради перење пари за потребите на режимот на Иран.

Медиумите во САД не забораваат дека Бил Клинтон, на самиот крај на својот мандат во Белата куќа го помилуваше познатиот нафтен трговец Марк Рич, кој беше во бегство под обвинение дека избегнувал да плати данок и работел со иранските власти, поради што евентуалните врски на фондацијата со контроверзни бизнисмени предизвикуваат интерес.

Паралелно со профитните бизниси на „Тенео“, фондацијата на Бил и Хилари Клинтон работи на поврзување на големи корпорации со хуманитарни проекти кои би ги финансирале. Кредитните компании од САД биле поканети од поранешниот претседател да работат на обезбедување поефтини кредитни линии во сиромашните населби на американските градови, „Проктер и Гембл“ донирал средства за прочистување вода за земјите во развој, Јужна Африка добила значително поефтини лекарства против сида со поддршка на Хилари Клинтон и слично.

„Њујорк тајмс“, сепак, пишува дека во раните подготовки за изборите во 2016 година, фондацијата се претвора во изборен штаб на Хилари Клинтон, со проширување во поголеми простории на Менхетн, и ангажирање на некои од нејзините помошници во Стејт департментот, меѓу кои е и Хума Абедин, сопругата на кандидатот за градоначалник на Њујорк, Ентони Винер, чија кандидатура беше погодена од серија секс скандали.

Значајно за Македонија е што фондацијата на Клинтон има силни поддржувачи во грчката заедница во САД. Меѓу нив е кандидатот за градоначалник на Њујорк Џон Кациматидис, сопственик на синџир бакалници и инвеститор во недвижности кого Клинтон неодамна го нарече свој личен пријател, но пред се за да ја релативизира блискоста со скандалозниот кандидат Винер.

Од друга страна, прв спонзор на Клинтоновата глобална иницијатива, годишен собир на актуелни и поранешни светски лидери, е Јана Ангелопулос Даскалаки, сопруга на бродосопственичкиот магнат Теодор Ангелопулос, и организаторка на Олимписките игри во Атина во 2004 година.

 

Би можело да ве интересира

Песков: Русија и САД имаат многу проблеми

Горан Наумовски

САД потврди дека севернокорејските војници сега активно се борат заедно со руските сили против Украина

Претставник на американската влада обвинет за објавување информации за планот на Израел за напад на Иран

Противниците на Кина на важни позиции

Британскиот министер за одбрана: Очекуваме САД да ја поддржат Украина се додека е потребно

Трамп ја избра младата републиканка Елис Стефаник за нова американска амбасадорка во ОН