Марин Ле Пен предупреди на „катаклизмичните последици врз куповната моќ на Французите“ од шестиот пакет санкции против Русија што на почетокот на неделата ги донесе Брисел, обвинувајќи ја Владата дека „лаже“ за економската состојба на земјата, јави дописникот на МИА.
– Оваа одлука ќе има катаклизмични последици врз куповната моќ на Французите, ќе придонесе за влошување на цената на нафтата, се разбира, и, патем, на гасот, а со тоа и на електричната енергија, истакна Ле Пен во интервју за Франс 2.
Лидерите на 27. земји-членки на ЕУ пред два дена постигнаа договор според кој ќе го намалат увозот на руска нафта за околу 90 отсто до крајот на годината, со цел да го запрат финансирањето на Москва за војната во Украина.
– Ако ние повеќе не купуваме нафта од Владимир Путин, другите ќе ја купуваат, тоа толку е едноставно. Во реалноста, значи, имаше и други мерки кои можеа да се спроведат со напор на земјите производители во светот. Тоа е избор за жртвување на куповната моќ на Французите, оцени таа, подвлекувајќи, како што тврдеше за време на претседателските избори, дека семејствата кои „повеќе не можат да врзат крај со крајот на месецот“.
Ле Пен, која минатата недела во Париз се сретна со унгарскиот премиер Виктор Орбан, ја споделува со него идејата за оданочување на танкерите со нафта.
– Ве советувам да не верувате ниту збор од она што го кажува Бруно Ле Мер, како и целата Влада за економската состојба на земјата, бидејќи тие веќе лажеа во минатото, посочи Ле Пен.
Министерот за економија Ле Мер утрово за Франс Интер изјави дека не верува дека Франција е во опасност од рецесија.