Дводневниот вонреден самит на ЕУ заврши со уште неколку политички договори во делот на енергијата, храната и одбраната, а нов пакет санкции против Русија не е на дневен ред засега, јавува дописничката на МИА од Брисел.
Ова попладнево го потврдија претседателите на двете главни институции на ЕУ, Шарл Мишел за Европскиот Совет и Урсула фон дер Лајен за Европската комисија.
Претседателката Фон дер Лајен изрази задоволство од исходот на вчерашната седница на лидерскиот самит на кој 27-те земји членки успеаја да постигнат договор за ембарго врз 90 отсто од руската нафта, со исклучок за дел од нафтата преку нафтоводот Дружба. Претходно ЕУ веќе значително се ослободи од рускиот јаглен, но гасот останува пречувствителна тема за да биде предмет на санкции. Сепак, претседателката на Европската комисија смета дека со планот за диверзификација на енергетските извори, RepowerEU, ЕУ ќе успее да се осамостои и од рускиот гас на долг рок.
Предлогот RepowerEU предвидува диверзификација на набавувачите на гас, масовно инвестирање во обновливите извори на енергија и инфраструктурата и вложување во енергетската ефикасност. RepowerEU датира од пред војната во Украина, но неговата улога е засилена откако започна руската инвазија и челниците на ЕУ се надеваат дека иницијативата и нејзиното усвојување ќе се забрзаат.
Седми пакет на санкции засега не е на дневен ред, иако поединечни земји членки на ЕУ денеска барале да се стави ова на маса и во овој пакет да биде вклучен гасот. Консензус по ова прашање нема.
Фон дер Лајен смета дека фокусот сега треба да биде на спречување да се заобиколат постоечките санкции.
-Сега јасно се справивме со јагленот и нафтата, како и со гасот, преку пакетите санкции и RepowerEU и важно е да се гледа сега финансискиот и економскиот сектор на Русија каде има обиди за заобиколување на санкциите, така што не исклучувам потреба за поправање на оваа ситуацијата, затворање на дупките и на заобиколувањето, но големиот дел од работата за енергијата е во тек, рече фон дер Лајен.
Лидерите на ЕУ разговарале и за иднината на одбраната на ЕУ, се согласиле дека е потребно зголемување на воените буџети и ја поздравија апликацијата на Финска и Шведска за членство во НАТО.
-Потребно е сега да се обезбеди дека дополнителните инвестиции ќе донесат максимална вредност, ова е главен предизвик. Од една страна имаме недостиг на инвестиции, дупки кои треба да се пополнат, но најголем предизвик е фрагментираноста, дупликациите на системите на оружје кои водат кон дополнителен трошок, мора да се подобри оваа ситуација, рече шефицата на Европската комисија.
На ова тема земјите и институциите на ЕУ ќе посветат голем дел од времето и ресурсите во наредниот период, под притисок од војната во Украина.
Земјите на ЕУ, исто така, се соочуваат со испразнети резерви на оружје, испратени во Украина. Европската комисија се надева дека ќе се успее да се воведе систем на заедничка набавка на ниво на ЕУ за оружје.
Конечно лидерите разговарале и за прехранбената безбедност, во момент кога житариците се заглавени во Украина и Русија поради војната и санкциите. Во овој дел тие денеска одржаа разговор преку видео врска со претседателот на Сенегал, Маки Сал, и претседавач со Африканската Унија.
Извор: МИА