ВИДЕО: Вредните икони украдени пред повеќе од деценија гнијат во Албанија оти Македонија ги заборави

Од:

Дваесет икони од непроценлива вредност украдени од македонски цркви скапуваат по депоа во Албанија оти државата со години не си ги барала назад. Меѓу нив има дела на Дичо Зограф, иконостас со икони од Св. Јован, Св. Петар; Исус Христос, Св. Павле, Св. Лука, Св. Јаков, Св. Тома од 19 век. Иконите се украдени пред 12 години од цркви во Западна Македонија и однесени во Албанија. Албанските власти ги фатија крадците и во 2015 година ги осудија, а велат дека истовремено ги известиле и надлежните македонски институции за пронајдените икони, но од кај нас тие првпат биле побарани пет години подоцна, односно во 2020 година.

Нема образложение зошто толку се чекало, но дури и сега, кога официјално се бараат назад, постапката се влече трета година, а местата на украдените икони во дел од црквите зјаат празни.

„За мене е најтешко што имам критики и од самите верници овде. Тие велат: ‘Па добро што мислите до кога ова, па што е ова, па не личи ова. Нема ништо вратено. Некој да дојде и да нè извести дека ги имаат, дека ќе ги земат. Нема никаква информација. Само тоа што слушнавме на телевизија“, вели домаќинот Миле Скрчески, кој ги одржува црквите во Радожда.

Од црквата Св. Никола во Радожда е украден речиси целиот иконостас, останале само две-три икони. Домаќинот Скрчески вели дека местата на украдените икони повеќе од една деценија се празни.

„Кршеа прозорци за да влезат, вратата ни ја искршија за да излезат. Украдени се и во Св. Архангел Михаил, земени се икони што беа вредни, одбрани“, вели Скрчески.

Прв обид да ги врати иконите во Македонија, откако во Албанија имало пресуда, имала обвинителката Маја Конеска. Таа учествувала во нивната идентификација кога крадците биле фатени. Албанските институции ја известиле дека е ненадлежна да ги бара иконите.

„Барањето не е основано со закон. Судот цени дека иконите ќе поминат во корист на албанската држава“, стои во одговорот на албанските власти од 2016 година.

Надлежна институција за враќање на македонското културно богатство е Министерството за култура. Таму се сменија четворица министри, Елизабета Канческа-Милевска, Роберт Алаѓозовски, Асаф Адеми и Хусни Исмаили, кои додека раководеле со Министерството не почнале процедура за враќање на иконите.

Во 2020 година Ирена Стефоска е првата министерка која ја почнала постапката, која е далеку од завршница.

„Постапките за реституција на културното наследство се обременети со низа формалности и со поднесување релевантни докази од страна на државата која бара враќање на незаконски изнесеното културно наследство од нејзината територија што влијае на пролонгирање на рокот за завршување на постапката“, изјавија од Министерството за култура во мај минатата година за „А1он“.

Иако минатата недела, „А1он“ одново праша до каде е процедурата за враќање на иконите,  сегашната министерка Бисера Костадиновска-Стојчевска не одговори дали ја продолжила постапката и зошто иконите и натаму не се во Македонија.

За Министерството за надворешни работи, кое е посредник во враќањето на иконите, постапката е во завршна фаза.

Местата на украдените икони во Св. Никола во Радожда се празни 12 години, нарачале нови, но и нив ги чекаат три години

„Постапката за враќање на споменатите предмети, кои претставуваат културно богатство на државата, е во завршна фаза, меѓутоа одложена е поради пандемијата. Постапката е почната во 2020 година и првично беше иницирана и координирана од страна на Министерството за надворешни работи“, велат од МНР за „А1он“.

Надеж дека иконите ќе се вратат по 12 години нема ниту кај селаните во Радожда, од каде што биле украдени најголем број икони. Нарачале и платиле нови, но и нив ги чекаат три години.

На прашањето што ќе прават ако им ги вратат, домаќинот кој ги одржува седумте цркви во Радожда вели: „Се надеваме дека ќе ги наместиме. Тие што беа ќе се вратат, ќе се врати радоста кај селаните“.

Дел од иконите од непроценливо богатство се и оштетени. Албанските медиуми во неколку наврати изминатите години известуваа и дека иконите биле несоодветно  транспортирани.

Освен црквите во Радожда, иконите во Албанија кои Македонија си ги заборави треба да бидат вратени во цркви во Буринец и во Селце од Струшкиот Регион и Ѓавато и Перово од Битолскиот Регион.

Би можело да ве интересира

Став на Мицкоски за случајот „Галате“: Ваков тип на инциденти ќе има и во периодот кој што следи

Жителите на Галате бараат мирно решение на случајот и се оградуваат од настаните

Горан Наумовски

Случај црква Св. Петка во Галате: Обвинителство демантира дека издало наредба за приведување

Горан Наумовски

Хрват и радовишанка сакале да ограбат црква, со нож му се заканувале на клисарот

Горан Наумовски

Почна реконструкцијата на автокампот Ливадишта во Радожда, се очекува да заврши до почетокот на летото

Вандализирана црквата „Свети Атанасиј“ на тетовско Кале