Началникот на вооружените сили на турската армија, армискиот генерал Јашар Ѓулер за време на посетата на Бугарија посвети посебно внимание на предизвиците со кои се соочуваат земјите-членки на НАТО поради војната во Украина, соопшти прес-службата на бугарското Министерство за одбрана.
Како што јави дописникот на МИА од Софија, на средбата на Ѓулер со началникот за одбрана на Бугарија, адмирал Емил Ефтимов, била истакната потребата од заедничка акција на сите сојузници на источното крило на НАТО како одговор на руската агресија врз Украина, особено во регионот на Црното Море.
Воената соработка меѓу Бугарија и Турција како стратешки сојузници и партнери во заедничкиот колективен безбедносен систем е на многу добро ниво. Се разговараше за изгледите за развој на регионалната воена соработка поврзана со постигнување на одредени можности од страна на мултинационалните формации во Црното Море и зголемената будност на Алијансата.
Извор: МИА