Ослободувањето на Донбас е безусловен приоритет за Москва, додека другите украински територии би можеле сами да одлучуваат за својата иднина, изјави рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, пренесе денеска агенцијата РИА.
„Ослободувањето на регионите Донецк и Луганск, кои Руската Федерација ги призна како независни држави, е безусловен приоритет“, рече Лавров во интервју за францускиот ТВ канал TF1, пренесе руската новинска агенција РИА.
Што се однесува до другите територии во Украина, „луѓето во тие области треба да одлучат за својата иднина“, рече Лавров.
Делови од Донбас се под контрола на сепаратистите поддржани од Москва, а битката за Северодонецк, лоцирана на источната страна на реката Сиверски Донецк, е во центарот на вниманието последниве денови.
Русите постепено, но континуирано го освојуваат Донбас, кој ги сочинува регионите Луганск и Донецк.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека воената ситуација во Донбас е многу комплицирана, но одбраната е многу силна и успешно се спротивставува на нападите на неколку места, вклучувајќи ги Северодонецк и Лисичанск.