Египетската влада денеска побара од приврзаниците на соборениот претседател Мохамед Морси да „го слушаат гласот на разумот“ и да запрат со насилства. Тие упатија пофалби до безбедносните сили за воздржаноста додека ги уривале протестните кампови во Каиро.
Владата на Египет во соопштение наведува дека ќе поттикне примена на политички план за транзиција кој го поддржува и армијата и тоа на начин со кој нема да биде исклучена ниту една политичка партија.
Побарано е од демонстрантите да не даваат отпор на властите, а лидерите на Муслимански браќа да прекинат со иницирање насилства.
– Владата ги смета тие лидери за целосно одговорни за какви било крвопролевања и за сите немири и насилства што ќе се случат, се вели во соопштението.
Полицијата успеа денеска да урне најголем дел од шаторите на плоштадот ал Нахда и сега имаат „целосна контрола“ над помал камп, соопшти египетското МВР. Повеќемина лидери на Муслимански браќа беа уапсени денеска, исто како и симпатизари на притворениот соборен претседател Морси.
Засега се лицитира и со различни бројки на загинати во денешните немири, од неколкумина до неколку десетици, па дури и над 100 загинати.