Двајцата управители на „ЕВН Електрани Македонија“, Мирослав Митровски и Игор Гиевски, заедно со уште пет лица кои се вмешани во купопродажбата на парцели за фотонапонски централни во Делчево се уапсени доцна вечерва. Според информациите на „А1он“ тие ќе бидат задржани до утре, кога ќе бидат изнесени и пред судија на претходна постапка. Засега е познато дека ќе се бара мерка за обезбедување на присуство, а скопското Обвинителство треба да одлучи дали ќе бара ефективен притвор.
Управата за финансиска полиција поднесе кривична пријава против сега уапсените за продажбата на парцели на ЕВН во Делчево за изградба на фотонапонски централи. Седумтемина од кои двајца управители во ЕВН, биле роднински и пријателски поврзани. Успеале да убедат сопственици на приватно земјиште во Делчево да им биде откупен имотот по одредена цена, но да се согласат во документите да стои дека го подаруваат. Подарениот имот за неколку дена го продале на ЕВН за 1,5 милион евра.
„Првопријавениот и второприjaвениот во својство на управители на ЕВН-Електрани Македонија свесно и со однапред утврдена намера со изготвување на анализи на трошоци и добивки со лажни податоци, прикривајќи суштински факти, лажно презентирајќи несоодветни земјишта како да се соодветни за намената за која се купуваат поради фактот што одредени земјишта не ги исполнуваат условите за пренамена на земјоделско во градежно земјиште и одредени земјишта се во несоодветна категоризација на земјиште за намена за која се купуваат, презентирајќи пазарни цени кои не соодветствуваат со реалните пазарни цени на земјиштата за конкретната категоризација и класа на земјишта прикривајќи го фактот дека пријавените физички лица-продавачи се меѓусебно поврзани, го довеле во заблуда Управниот одбор на ЕВН да донесе одлука за склучување договори за купопродажба на недвижен имот за изградба на фотонапонски централи“, соопшти Управата.
Од она што досега е јавно познато, осомничените Дарко Тодоровски, Влатко Илиевски и неговата сопруга Марија Илиевски, сите од Делчево, добиле на подарок ниви од други лица, кои ги стекнале во сопственост на 1 септември 2021 година. Три недели подоцна, односно на 21 септември, парцелите чија вредност е проценета од страна на општината на 20 денари за метар квадратен, се продадени на ЕВН Електрани и за повеќе од 800 денари за метар квадратен. Се работи за ниски катастарски класи на земјиште, кои имаат и ниска пазарна вредност.
Во време кога аферата за прв пат изби во јавноста, во ноември минатата година, А1он.мк веќе пишуваше дека истрагата утврдила оти физичките лица во чија сопственост било земјиштето во Делчево пред да почне да се препродава, само во документацијата било отстапено како дар. Според информациите кои ги објавивме тогаш, првичните сопственици биле исплатени во кеш, а во документацијата се согласиле да пишува дека го подариле. До тој момент, предистрагата покажа дека дарувањето било неопходно за во јавноста да не се дознае за продажбата, бидејќи промената на сопственост на земјоделското земјиште на кој било друг начин, задолжително треба да се огласи во Службен весник. За потсетување, откако Тодоровски и брачниот пар Илиевски го добиле во своја сопственост, го објавиле за продажба во Службен весник и за само еден ден го продале на ЕВН Електрани.