Тајфунот Утор го погоди денеска Хонг Конг, носејќи со себе ветрови кои дуваа од над сто километри на час и поројни дождови. Поради невремето беа затворени повеќе продавници, финансискиот пазар и училиштата, а беше предизвикан и застој во авиосообраќајот.
Опсерваторијата на Хонг Конг прогласи трет, највисок степен на бура. Центарот на тајфунот го заобиколи градот и се насочи кон крајбрежните подрачја во провинцијата Гуангдонг.
Се очекува тајфунот проследен со ветрови со брзина од 155 километри на час оваа кинеска провинција да ја погоди вечерва или утре изутрина.
Во северните делови на Јужното Кинеско Море се очекува тајфунот да предизвика бранови со висина до 11 метри, а властите ги повикаа бродовите да се вратат во пристаништата и ги подготвија спасувачките екипи.
Тајфунот претходно ги погоди Филипините, уривајќи куќи, предизвикувајќи поплави и лизгања на земјиштето. Властите соопштија дека во невремето загинале шест лица, а петмина рибари се уште се водат како исчезнати.
Утор Филипините ги погоди во понеделникот и тогаш беше проследен со ветрови, кои достигнуваат брзина до 200 километри на час, со што стана најсилниот тајфун кој ги погодил Филипините оваа година. Речиси 42 илјади лица останаа без покрив над главата.