Германскиот министер за здравство Карл Лаутербах денеска изјави дека Владата планира да ги укине епидемиолошките правила во текот на летото, според кои на патниците за влез во Германија им треба потврда за вакцинација против Ковид-19, негативен резултат од тестот или доказ за прележан Ковид-19.
Лаутербах за медиумската група „Функе“ изјави дека правилата што важат за сите постари од 12 години, без оглед од каде доаѓаат во Германија, ќе бидат суспендирани од 1 јуни до крајот на август.
Од почетокот на март Германија повеќе нема список на „зони со висок ризик“. Бројот на нови случаи на коронавирус во Германија постојано се намалува, а повеќето рестриктивни мерки се укинати. Сепак, Владата најави дека ќе обезбеди дополнителни 830 милиони евра за набавка на вакцини кои ќе помогнат да се сузбијат можните варијанти на коронавирусот наесен.
Извор: МИА