Израелците и Палестинците денеска ќе ги обноват мировните преговори под покровителство на САД, откако Израел утрово ослободи 26 палестински затвореници во знак на добра волја.
Ослободените затвореници повеќе од 20 години беа во израелските затвори. Вкупно 104 палестински затвореници ќе бидат ослободени во четири етапи во зависност од напредокот во преговорите.
Од кабинетот на шефот на израелската делегација, министерот за правда Ципи Ливни соопштија дека преговорите ќе бидат зад затворени врати и оти нема да има изјави за медиумите.
Со преговорите треба да бидат решени прашањата за границите на идната палестинска држава, гарантирањето на безбедноста, судбината на колониите во Западниот Брег, каде живеат 360.000 Израелци и иднината на источен Ерусалим, како и судбината на палестинските бегалци.