Лемер: Влегуваме во тежок економски период

Од:

Министерот за економија на Франција денеска претседаваше со Советот за економија и финансии на ЕУ, една од главните теми беше економските перспективи за ЕУ, јави дописничката на МИА од Брисел.

Министрите за економија и финансии на ЕУ денеска во Брисел разговарале за мерките на поддршка за домаќинствата во претстојниот кризен период, кој е резултат на пандемијата и војната во Украина.

-Влегуваме во тежок период, рече францускиот претседавач Бруно Лемер, но додаде дека предвидувањата на Европската Комисија сепак остануваат пооптимистични од очекуваното како во однос на економскиот раст така и во однос на вработеноста за оваа година и следната.

Земјите членки се охрабруваат да донесат краткорочни и долгорочни мерки за помош на најранливите домаќинства кои ќе се соочат со инфлацијата и високите цени на енергијата и на прехранбените производи.

-Борбата против инфлацијата е апсолутен приоритет на сите земји членки, рече министерот по завршувањето на министерскиот совет.

Министрите на ЕУ се согласија со Европската Комисија дека се потребни таргетирани и временски ограничени мерки за оваа група граѓани, мерки кои ќе можат да бидат укинати штом се подобри ситуацијата. Во овој контекст, Советот на министри ја поздрави и одлуката на Комисијата да ја пролонгира суспензијата на буџетските правила за дефицит и долг во ЕУ за да се овозможи финансирање на мерките за помош. Бруно Лемер инсистираше дека поддршката на најранливите не треба да значи дека не треба паралелно постепено да се санираат јавните финансии на земјите.

-Но не треба да ја направиме истата грешка како пред 15 години кога пребрзо сакавме да ги вратиме јавните финансии, ризикувајќи да го скршиме растот, рече Лемер.

Еврокомесарот за економија, Валдис Домбровскис, од своја страна, истакна дека Европа е најпогодена во светот од руско-украинската војна, не само поради географската блискост туку и поради зависноста од руските извори на енергија и уште еднаш повика да се усвојат и применат предлозите на Европската Комисија за осамостојување од руската енергија и инвестирање во обновливите извори, што претставува долгорочна цел на Европската Унија за подобрување на климатските политики и санирање на економијата.

Земјите членки разговарале и за помошта за Украина, но не е постигната согласност сè уште за предложената масовна макрофинансиска помош од девет милијарди евра, рекоа Лемер и Домбровскис. Иако сите 27 биле согласни дека мора да се продолжи со помош за Украина, не е постигнат консензус околу модалитетите на оваа асистенција.

Извор: МИА

Би можело да ве интересира

Монд: Франција и Велика Британија ја разгледуваат можноста за заедничко испраќање војници во Украина

Акцијата „Моби Дик“ една од најголемите во ЕУ – даночно затајување од 520 милиони евра

А1он

Франција и Британија и дозволија на Украина да употреби ракети со долг дострел за да ја таргетира Русија

Глобална трговска војна, Британија избира помеѓу САД или ЕУ

Косачов: Европската Унија нема да опстане без Русија и БРИКС

(ВИДЕО) Заврши заложничката криза во Париз: Заложниците ослободени, киднаперот уапсен

Горан Наумовски