Австриското Министерство за здравство објави дека ги промени правилата за дарување крв за да се отстрани дискриминацијата на луѓето врз основа на нивната сексуална ориентација.
-Дискриминацијата на луѓето врз основа на нивната сексуална ориентација конечно е минато, рече министерот за здравство Јоханес Рауч.
Досега во Австрија во сила беше забрана хомосексуалците, бисексуалците и трансродовите лица да даруваат крв.
– Ако некој сака да помогне со дарување крв, нема причина да не се дозволи тоа поради неговата сексуална ориентација или родов идентитет, изјави Рауч.
Измената на правилникот за крводарителство, која беше донесена денеска, ќе стапи во сила летово, изјави владиниот портпарол. Австрискиот закон досега им забрануваше на сите кои имале „ризични сексуални односи“ во последните 12 месеци да даруваат крв.
Некои организации, како што е Црвениот крст, од крводарителските акции ги исклучија хомосексуалците, бисексуалците и трансродовите лица врз основа на таа законска рамка, тврдејќи дека постои ризик од пренесување на СИДА.
Изменетиот закон сега го исклучува „секој донатор кој имал повеќе од три партнери во трите месеци пред донацијата“, но не прави дискриминација врз основа на пол или сексуална ориентација. Во таа насока неодамна се придвижија и Канада, Франција, Шпанија, Италија, Израел и Англија кога станува збор за условите за дарување крв. ссм/