Македонија има потреба од носење закон за регулирање на медиумскиот простор, но не сугерираме колку и какви закони треба да донесе, е главниот заклучок на експертите од ОБСЕ, Советот на Европа и ТАИЕКС на денешната петта по ред јавна расправа по нацрт-текстовите на законите за медиуми и за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.
Експертот од ОБСЕ Кетрин Метхеб рече дека иако на почетокот на дебатата имала мислење дека не е потребна дефиниција на професијата новинар во законот, расправата ја разубедила поради што, сепак, смета дека можеби е неопходно точно да се дефинира кој се може да биде новинар во Македонија.
Нејзиното мислење го сподели и Сандра Башиќ, експертот од ТАИЕКС, која посочи дека не е можно секој што пишува и дава информации на интернет да биде новинар.
Берт Мовес, експертот од Советот на Европа рече дека денешниот предлог текст е многу подобрен во однос на првичниот предлог од април годинава и нагласи дека Македонија ако не веднаш за година до две секако ќе мора да донесе закон за медиумите доколку сака да биде дел од Европската унија.
Мирјана Димовска од Државната комисија за спречување на корупцијата новиот предлог закон за медиуми го оцени како чекор напред бидејќи во Македонија 20 години ова прашање се држи отворено, а сега првпат ќе се регулира. Во минатото, како што кажа, имало неколку обиди за носење ваков закон кои не успеале.
Таа посочи дека анкетата спроведена од агенцијата Рејтинг во ноември минатата година покажала дека граѓаните не веруваат во објективноста на медиумите.
– Анкетата спроведена врз репрезентативен примерок по пол, возраст, етничка припадност, место на живеење и образование од 1.080 испитаници во сите 84 општини покажа дека 55 отсто од анкетираните сметаат дека медиумите во Македонија не известуваат објективно. Дури 60 отсто од анкетираните рекле дека во медиумите корупцијата е многу или средно распространета, а само 13 отсто сметаат дека нема корупција. Медиумите се продолжена рака на партиите за 83 отсто од испитаниците, а 81 отсто сметаат дека постои врска меѓу бизнисот, политиката и медиумите, рече Димовска.
Затоа, нагласи, мора да се преземат мерки и да се регулира професијата со закон.
Министерот за информатичко општество и администрација Иво Ивановски истакна дека целта на денешната јавна расправа е да се достават дополнителни амандмани за да се подобрат предлог законите.
– Дефинитивно ни е потребен закон за медиуми, но сме отворени за сите ваши забелешки да се вметнат во амандмани за да се подобри неговиот текст. Ќе се потрудиме законот да биде меѓу подобрите во светот за да можат и другите земји да го споделат искуството на Република Македонија во процесот кој ние го правевме во изминатите 18 месеци за донесување закон за медиуми и закон за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, рече Ивановски.
Тој ги покани сите присутни на расправата да ги достават своите забелешки на предлог текстовите за да ги достават до Собранието и додаде дека и во иднина ќе се организираат јавни дебати.
Претставниците на МАН побараа во законското решение точно да се дефинира кој може да биде новинар во Македонија и да се стави ред кај ад-хок интернет порталите. За разлика од нив, претставниците на ЗНМ повторно го истакнаа нивниот став дека на Македонија не и е неопходно носење посебен закон за медиуми, бидејќи тоа е регулирано во повеќе други закони.
Беше побарано да се намалат предвидените казни во законските решенија и да се намали процентот на учество на македонската музика во програмата. Во печатените медиуми се побара да се направи разлика меѓу издавачката и уредувачката политика. Како што истакна претставникот на МП Македонија, издаваштвото е бизнис што може да го води секој, а уредувачката политика треба да ја водат новинари бидејќи преку неа се отсликува слободата на медиумот.