Бугарскиот претседател денеска оствари средба со помошник државната-секретарка на Соединетите Американски Држави, Карен Донфрид која е во дводневна посета на Бугарија.
Според прес-службата на Радев, тие разговарале за руската инвазија на Украина, која радикално го менува безбедносното опкружување не само во регионот, туку и во Европа.
Како што јави дописникот на МИА од Софија, според Радев, ситуацијата бара преиспитување и вистинска акција во ЕУ и НАТО за да се сменат пристапите за обезбедување безбедност и мир.
На средбата се разговарало и за стратешкото партнерство меѓу Бугарија и САД, како и за проширувањето на Европската Унија. Радев и Донфрид говореле и за напредокот во процесот на европска интеграција на Западен Балкан, како стратешка цел за поддршка на безбедноста и стабилноста на Европа.
Радев истакнал дека Бугарија е најзаинтересирана за забрзување на преговорите за членство во ЕУ на Северна Македонија, но Софија очекува јасни и недвосмислено правно обврзувачки механизми и реални чекори за искоренување на говорот на омраза и систематските примери на дискриминација на граѓаните со бугарска самосвест.
Во разговор со Донфрид, бугарскиот претседател истакнал и дека забрзувањето на европскиот пат на Северна Македонија е клучен за исполнување на критериумите од Копенхаген за членство во ЕУ, за постигнување одржливи и неповратни решенија за развој на билатералните односи и вклучување на македонските Бугари во Уставот, рамноправност со другите делови на нацијата за да ги гарантираат нивните права.
Тој посочил и дека во бугарското општество е формиран широк консензус на оваа тема, што е потврдено и од страна на Народното собрание, а како што вели Радев „секое повлекување ја загрозува стабилноста во самата земја-членка на ЕУ“.
За време на средбата Румен Радев повика на навремена поддршка за Бугарија од нејзините сојузници во НАТО за да се спречи губењето на одбранбените капацитети на нејзините вооружени сили до добивањето на нарачаните осум авиони Ф-16. Според Радев, гарантирањето на воздушниот суверенитет на Бугарија е од најголема важност не само за Бугарија, туку и за партнерите во Алијансата.
Извор: МИА