Северна Кореја пријави уште 269.510 случаи со симптоми на треска и шест смртни случаи во време кога земјата се соочува со ширење на епидемија со недијагностициран Ковид-19.
Според севернокорејскиот штаб за борба против вирусот починале 56 луѓе, а повеќе од 1,48 милиони луѓе се разболеле од треска од крајот на април. Се претпоставува дека поголемиот дел од тие случаи се Ковид-19.
Во Северна Кореја најмалку 663.910 луѓе се во карантин, а државните медиуми не наведуваат колку од случаите со треска се потврдени дека се Ковид-19.
Најверојатно на Северна Кореја и недостасува опрема за тестирање за да ги потврди инфекциите со коронавирус, а нејзиниот одговор на вирусот е главно изолација на луѓе со симптоми. Неуспехот да се забави ширењето на вирусот може да има тешки последици за Северна Кореја, со оглед на нејзиниот слаб здравствен систем и верувањето дека нејзините 26 милиони луѓе не се вакцинирани. Земјата, исто така, се соочува со неисхранетост и сиромаштија.
Извор: МИА