Неопходно е ЕУ да помине од зборови на дела во однос на она што пред две децении му го вети на Западен Балкан, побара денеска шефот на австриската дипломатија Александер Шаленберг.
Во пресрет на Советот на министри за надворешни работи на ЕУ, Шаленберг рече дека е потребен јасен сигнал во однос на Западен Балкан. – Пред 20 години му ветивме на регионот дека нивната иднина е во ЕУ. Сега треба да преминеме од зборови на дела, истакна австрискиот министер.
Шаленберг порача дека ЕУ не смее да ги „изгуби“ земјите од Западен Балкан.
– Знаеме дека Русија таму има голем потенцијал за да предизвика штета дури и без ниту еден испукан истрел. Тоа мора да биде предупредување, бидејќи тој регион е во центарот на Европа и за нас е клучен и геостратешки важен, подвлече тој.
Шаленберг порача дека ЕУ не смее да дозволи на Западен Балкан да се наметне „туѓ“ модел на живот, туку тој мора да остане европски.
– Треба сè јасно да се каже. Имаме големи очекувања од Франција, која претседава со ЕУ и која го најави Самитот за Западен Балкан. Мора да донесеме визна либерализација за Косово, како и да започнеме пристапни преговори со Северна Македонија и Албанија. Ако зборуваме за Украина, мора да зборуваме и за БиХ, подвлече Шаленберг.
Што се однесува до новиот пакет санкции на ЕУ кон Русија, тој вели дека не треба однавдор да се гледа неединството на Унијата.
– Русија нè следи, а исто така и другите. Со пет пакети санкции досега успеавме да излеземе во јавност дури откако постогнавме договор, па ајде да го направиме тоа и сега, побара шефот на австриската дипломатија.
Извор: МИА