САД проценуваат дека Северна Кореја се подготвува во текот на овој месец да изврши нова проба на своите нуклеарни капацитети, прва по речиси пет години.
Портпаролот на Белата куќа, Џен Псаки, синоќа изјави дека проценките на САД се дека Пјонгјанг е подготвен да изврши нуклеарна проба и тоа уште овој месец, информација што веќе е споделена сојузниците и партнерите на САД.
Последното, шесто по ред, тестирање нуклеарна боева глава Северна Кореја го изврши во септември 2017 година.
Американскиот претседател Џо Бајден во текот на овој месец планира да ја посети Јапонија. Неговиот претходник, поранешниот претседател Доналд Трамп не успеа со севернокорејскиот лидер Ким Јонг-ун да постигне договор за нуклеарно разоружување.
Севернокорејската армија оваа година изврши неколку ракетни тестирања, меѓу кои и на балистичка ракета со голем дострел.
Властите во Јужна Кореја во вторникот соопштија дека Пјонгјанг извршил тестирање на најмалку три ракети, лансирани од копно во насока на Јапонското или т.н. Источно Море. Сеул истовремено тврди дека минатата сабота била тестирана и ракета лансирана од севернокорејска подморница.
Со Резолуција на ОН на Пјонгјанг му се забранети тестирања на балистички ракети способни да носат нуклеарни боеви глави, а се воведени и санкции кон Северна Кореја заради нејзината нуклеарна програма.
Извор: МИА