Смртниот биланс од експлозијата во фабрика во Словенија се зголеми на пет лица

Од:

Во денешната експлозија и пожар во фабриката „Меламин“ во словенечкиот град Кочевје, најверојатно загинале сите пет лица, кои се сметаа за исчезнати, а шестмина се повредени, соопшти менаџментот на компанијата.

Директорот на компанијата Сречко Штефаниќ изјави дека шансите за преживување на петмината исчезнати се „речиси непостоечки“ поради јачината на експлозијата, пренесува словенечката агенција СТА.

Од шестмината повредени двајца се со тешки изгореници и се во животна опасност.

Властите првично соопштија дека се повредени 10 лица, а потоа 20, но подоцна потврдија дека бројот е помал.

Експлозијата одекна околу 8.30 часот во гратчето со 8.000 жители, на кои веднаш им беше препорачано да ги затворат прозорците и да не излегуваат надвор.

Надлежните велат дека нема опасност за животната средина.

Во тек е истрага за причината за експлозијата, а се претпоставува дека е последица на човечка грешка, поточно на еден од вработените.

Фабриката „Меламин“ е основана во 1954 година и вработува околу 200 работници, а името го носи по хемикалијата што ја произведува, наменета за покривање на подови и мебел.

Извор: МИА

Би можело да ве интересира

Сиљановска-Давкова со Клакочар Зупанчич: Словенија ќе остане наш поддржувач на патот кон ЕУ

Косопственикот на Pirate Bay загина во авионска несреќа во Словенија

Мал авион исчезна над Словенија

Катерина Ѓуровски

(ВИДЕО) Голем пожар избувна во близина на Марибор

Најниска стапка на наталитет во Словенија од самостојноста во 1991 година

Словенија бара на Израел да му се забрани учество на Евросонг