По две години борба со ракот, денес почина Андријана Мициевска, ќерката на пејачката и водителка Јулија. На социјалните мрежи пријателите веќе се простуваат од Андријана. Таа почина на 41 година, беше сликар и мајка на Стефанија. Дека состојбата на Андријана е влошена уште пред неколку дена, објави Јулија и побара поддршка од пријателите. Андријана беше однесена на Клиниката за онкологија, каде што, како што рече Јулија, се борела за животот.
Драги мои пријатели, помолете се за моето девојче, за мојата херојка, мојата светлина. Молете се за божјо чудо зашто Андријана во болка се бори за својот живот на Клиниката за онкологија. Верувам дека Бог ќе направи чудо зашто за Бога е возможно сè. Секој на свој начин нека испрати љубов, молитва, да го крене моето девојче“, напиша тогаш Јулија.
Во 2020 година на роденденот на Андријана ѝ беше дијагностициран рак, кој метастазирал на коските и црниот дроб. По една година хемотерапии и зрачење, таа успеа да застане на нозе. Лани Јулија на роденденот на ќерка си напиша дека изминатата година направила пресврт во нивните животи.
Уметници и пријатели на Андријана ги продаваа своите дела по прифатливи цени и собираа средства за нејзините понатамошни лекарски трошоци.