Државниот секретар на Светата столица, Пјетро Паролин денеска изјави дека Ватикан дава голема важност на почитувањето на еднаквоста на трите народи во Босна и Херцеговина.
Паролин на прес-конференција по состанокот со премиерот Андреј Пленковиќ, за време на својата трета официјална посета на Хрватска, изјави дека „мисијата и посветеноста“ на Ватикан се секогаш да се залага за признавање на еднаквоста на трите народи во БиХ.
– Сакаме тоа да биде реалност. Тоа е наша желба и обврска, појасни тој.
Паролин додаде дека Ватикан мора да продолжи да ја „нагласува опасноста од ситуацијата во БиХ на меѓународната заедница и последиците што може да произлезат врз стабилноста на државата и регионот“.
Тој во Загреб пристигна вчера, по повод 30-годишнина од признавањето на Хрватска од страна на Ватикан и воспоставувањето дипломатски односи и 25-годишнината од договорот меѓу Хрватска и Ватикан.
– Ватикан играше значајна улога во меѓународното признавање на Хрватска, затоа што беше меѓу првите држави што го направија тоа, потоа ги поттикна и другите земји на ваква одлука, изјави тој.
Светата столица ја призна Хрватска на 13 јануари 1992 година.
Тој треба да има средба и со претседателот, Зоран Милановиќ.
Извор: МИА