Судењето на кое се бара Бојан Јовановски-Боки 13, Катица Јанева и државата да вратат дел од 1,5 милиони евра на бизнисменот Орце Камчев се одложи. Бидејќи беше предвидено да се сослушаат како сведоци сметководителката во фирмите на Камчеви, Мирјана Бошковска, сопругата на бизнисменот, Ана Камчева, мајката Ратка Куновска-Камчева и сестрата Кристина Камчева-Стојческа. Ниту еден од нив не се појавија на судењето. Судијата Андреј Димовски кажа дека поштарот не ги нашол на адресите. Тужениот Бојан Јовановски беше спроведен во судот од затворот „Идризово“, но по завршување на рочиштето.
„Не се присутни сведоците за кои судот донесе решение да бидат сослушани, Мијана Бошковска, Ана Камчева, Ратка Куновска-Камчева и Кристина Камчева-Стојческа. Овие адреси се разликуваат од првите адреси. Кај Мирјана Бошковска, доставувачот образложил дека немало никој дома. Ана Камчева обезбедувањето кажало дека е иселена од комплексот св. Јован. Поканата не и е доставена ниту на Ратка Куновска-Камчева за кое доставувачот кажа дека не била дома и била на работа. Кристина исто така не била дома“, рече судијата Андреј Димовски.
Адвокатот Александар Михајловски кажа дека кога дознал дека Граѓанскиот суд имал проблем со доставување на поканите, доставил нови адреси. Дополнително, побара задолжително да се земат списи од предметот „Рекет“ кои се во Апелациониот суд и Врховниот суд. Меѓудругото и записниците од сослушување на сведоците во претходните постапки.
“Мене не ми дадоа да направам увид во кривичниот предмет за да видам што докази има таму. Затоа побарав само дел од материјалите. Мене ми се врзани рацете. Единствен начин да направам увид е преку обој суд. И на распитот имаше прашања кои не можеа да се постават. Тука ми беше оневозможен начинот на постапување на прашањата. Ако направевме увид ќе можевме да прашаме и за аудио снимките објавени во јавност каде се слушаат Боки 13 и Катица. Јас немам што да направам”, образложи адвокатот барајќи ги списите.
Врховниот суд досега нема постапено по ургенциите и барањето, посочи судијата Димовски.
На рочиштето беше спроведен и Бојан Јовановски-Боки13 кој во судот пристигна откако заврши рочиштето. Тој остана пред судот, бидејќи не стигна на време да биде спроведен во судницата.