Претседателката на Косово, Вјоса Османи се сретна во Вашингтон, каде што учествува на Минхенската конференција, која годинава се одржува во американскиот главен град, со Џек Саливан, главен советник на претседателот на САД, Џо Бајден, соопшти кабинетот на косовската претседателка.
Османи и Саливан, се вели во соопштението, разговарале за ситуацијата во Западен Балкан по војната што ја поведе Русија во Украина и за предизвиците со кои се соочува регионот.
Османи исто така се заблагодарила на американската администрација „за клучната улога во одбрана на демократијата и безбедноста“ во Европа.
– Таа се заблагодари на администрацијата на претседателот Бајден за клучната улога во одбрана на демократијата и безбедноста на нашиот континент, а над сé за извонредната поддршка што историски му го дадоа на Косово, САД и посебно претседателот Баајден, се наведува во соопштението од кабинетот на Османи.
На маргините на конференцијата во Вашингтон, косовската претседателка се сретнала и со други официјални лица на американската администрација, со конгресмени и сенатори, како и со претставници на меѓународни организации и со министри од неколку европски држави.
За подгтовките за аплицирање на Косово во меѓународни организации и за преземените дејствија во правец на евроатлантските интеграции, Османи разговарала со финскиот министер за европски прашања Тити Тупараинен, германскиот сојузен министер Волфганг Шмит, шефот на дипломатијата на Литванија, Габрелиус Ландсбергис, заменик-генералниот секретар на НАТО, Мирчеа Геоана, водачот на Минхенската конференција, Кристофер Хеусген, амбасадорот Волфганг Ишингер и други учесници на конференцијата.
Како што јави дописникот на МИА од Приштина, Османи во Вашингтон отпатува по мини-турнејата во Средна Америка. Во главниот град на Панама, Сиудад де Панама, таа присуствуваше на откривањето на споменикот на Мајка Тереза, додека во Костарика на церемонијата на инаугурација на новиот претседател на таа држава, Родриго Чавез.
Извор: МИА