Францускиот претседател Емануел Макрон телефонски разговарал со унгарскиот премиер Виктор Орбан со намера да се финализира предлогот на Европската унија за забрана на увозот на руска нафта, а во рамките на шестиот пакет санкции против Русија, соопшти денеска кабинетот на Макрон.
„Постојат контакти на сите нивоа за да се обезбеди општ договор за шестиот пакет“, изјави неименуван функционер од Елисејската палата.
Меѓу 27-те земји-членки на ЕУ, Унгарија е најгласниот критичар на планираното ембарго на руската нафта. Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен синоќа изјави дека постигнала напредок во разговорите со унгарскиот премиер Виктор Орбан за можна забрана на руските фосилни горива во ЕУ.
Извор: МИА