Голема победа на Фердинанд Маркос јуниор на претседателските избори на Филипините

Од:

Фердинанд Маркос јуниор, синот на диктаторот Маркос кој побегна од земјата во 1986 година, денеска победи на претседателските избори на Филипините, враќајќи го семејниот клан на власт, 36 години откако со народен бунт беше соборен од власта.

Резултатите по пребројувањето на гласовите на повеќе од 90 отсто од избирачките места покажуваат дека Маркос јуниор, познат како „Бонгбонг“ доби проближно 30 милиони гласови, двојно повеќе од неговиот противкандидат, потпретседателот во заминување Лени Робредо, а таква предност е невозможно да се достигне.

За победа на овие избори, кои имаат само еден круг, доволно е еден од десетте кандидати кои се натпреваруваа да добие најмногу гласови.

Во обраќањето од изборниот штаб во Манила рано утринава, Бонгбонг (64) не прогласи победа, туку само им се заблагодари на поддржувачите за месеците „пожртвуваност и работа“.

-Да почекаме се да биде јасно, да се пребројат сите гласови и потоа ќе можеме да славиме“, рече тој.

Во главниот град, неговите приврзаници воодушевени пукаа со огномети и трчаа низ улиците носејќи филипински знамиња.

На овие општи избори право на глас имаа околу 67 милиони Филипинци, а на нив се бираа потпретседател, заменици, половина од сенаторите, гувернери на провинциите и илјадници локални претставници.

Триумфалната победа на Маркос јуниор доаѓа по изборната кампања обележана со бран од дезинформации и несомнена поддршка на авторитарниот претседател во заминување, Родриго Дутерте, кој ужива голема популарност.

Владата на Фердинанд Маркос сениор беше соборена во 1986 година во големиот народен бунт, а семејството Маркос побегна од земјата во САД, од каде постепено изгради моќна мрежа за политичка поддршка за нивно враќање.

Речиси половина век по падот, Маркос се враќаат во претседателската палата во Манила, од каде Бонгбонг вети дека ќе го обнови „единството“ на земјата во неговиот шестгодишен мандат.

-Ова се историски избори, коментира Клив Аргелс, професор по политички науки на Универзитетот Ла Сал во Манила.

Кампањата на Маркос јуниор беше всушност безбојна, тешко успеваше да ги израдува приврзаниците, и не привлекуваше толку многу луѓе како неговиот противник Лени Робредо.

Но, тој успеа да го искористи големото незадоволство на Филипинците од демократските влади кои се менуваа по завршувањето на диктатурата на неговиот татко, затоа што беа неспособни да го подобрат нивниот животен стандард.

Својата победа првенствено ја должи на серијата задкулисни разговори со другите политички кланови, особено на сојузот со Сара Дутерте, ќерката на претседателот во заминување. А таа е во голема предност на потпретседателските избори кои се одржаа во исто време.

Лени Робредо, 57-годишната адвокатка и економистка која вети дека ќе ја ослободи земјата од корупцијата и доминацијата на политичките династии во изборната трка, изрази „големо разочарување“ од резултатот.

-Ништо не е изгубено, се уште се држиме, рече таа во телевизиско обраќање, најавувајќи продолжување на борбата против Маркос по официјалната потврда на резултатите, што се очекува за неколку недели. „Ова е само почеток“, рече таа.

Извор: МИА

Би можело да ве интересира

Најмалку 81 лице загина во невремето Трами на Филипините

А1он

Тропска бура ги погоди Филипините, најмалку 13 загинати

Брод на кинеската крајбрежна стража намерно се судри со брод на филипинските колеги

Горан Наумовски

Екстремни горештини на Филипините

Во свлечиште на Филипините загинаа 11 лица, а 110 се исчезнати

(ВИДЕО) Бизарна пресметка на далечниот исток: Кинезите со воден топ „пукаат“ во филипински брод