Во Софија започна првото издание на Фестивалот на светлината ЛУНАР, што ќе трае до 9 мај 2022 година, јави дописникот на МИА од Софија.
Настанот е отворен за жителите и гостите на бугарскиот главен град, претворајќи го неговиот централен дел во огромна галерија на отворено, каде што високотехнолошката уметност е претставена од бугарски и меѓународни уметници. Во рамки на пешачката тура низ централниот дел на Софија, публиката ќе има можност да го види градот во ново светло.
Преку изведби на 3Д мапирање, светлосни проекции и скулптури, фестивалот ЛУНАР раскажува приказни, ја предизвикува имагинацијата и го привлекува вниманието кон новите трендови во областа на дигиталната уметност.
Преку своите дела, ЛУНАР раскажува приказни и испраќа важни пораки до своите посетители. Една од нив ќе биде поврзана со мирот, обединувањето, солидарноста и патот кон одржливост – теми кои ќе бидат претворени во 3Д мапирање за одбележувањето на Денот на Европа, со поддршка на Бирото на Европскиот парламент и Европската комисија во Бугарија.
Учесниците на фестивалот сакаат да се обединат и да го насочат вниманието на публиката кон инспиративна надеж за нов живот преку подигање на свеста за донаторството и трансплантациите во Бугарија. Друга цел на организаторите е да им овозможат на младите во Бугарија да стекнат нови знаења од областа на современите аудио-визуелни уметности. За време на фестивалот ќе бидат организирани и бесплатни обуки за млади таленти.