Поради владината криза во Чешка, унгарскиот премиер Виктор Орбан, предложил одложување на неформалната средба на премиерите на членските земји на Вишеградската група (В4), јави дописникот на МИА од Прага.
Според Кабинетот на Орбан, средбата на претседателите на Владите на Чешка, Словачка, Полска и Унгарија која е закажана за 24 август во северозападна Унгарија, треба да се одржи подоцна.
Премиерите на В4, годинава се сретнаа два пати. Во март, во Варшава разговараа со германската премиерка Ангела Меркел и францускиот претседател Франсоа Оланд, а во јуни повторно во Полска одржаа средба и со јапонскиот премиер Шинзо Абе.
Унгарија, од јуни годинава, по Полска, на една година го презема претседателството со групата. Во Чешка, повеќе од еден месец владее политичка несигурност по падот на Владата на Петр Нечас заради вмешаност во корупција и прислушување на негови најблиски соработници. Беше именувана привремена, техничка Влада која не ја доби поддршката од Парламентот.
Се очекува самораспуштање на Парламентот, по што треба да бидат распишани предвремени избори кои би се одржале наесен.