Младински културен центар – Битола (официјален УНЕСКО младински клуб), годинава го одбележа Меѓународниот ден на џезот 30-ти април со концерт на Тони Китановски Трио (Тони Китановски, гитара; Виктор Филиповски, тапани; Кирил Туфекчиевски, бас) во кафе бар Порта Џез во Битола.
„Со овој настан ја прославивме уметноста на џезот, потенцирајќи ја неговата важна улога во охрабрувањето на дијалогот меѓу културите и цивилизациите, промовирајќи го човековото достоинство“, велат од Младински културен центар – Битола.
На овој ден организатори на сите седум континенти, секоја година, по повод Меѓународниот ден на џезот презентираат неверојатен спектар на перформанси, едукативни програми и програми за информирање на заедницата.
Тони Китановски е композитор кој свири гитара. Сметајќи дека како напреден инструменталист не му е во карактер да му биде кажано како да го свири својот инструмент, најдобар начин да ја усоврши гитарата е преку изучување на композиција. Благодарение на наградата Роберт Шер во форма на полна стипендија дипломира на престижниот Беркли колеџ. За време на студиите ја добива наградата Чарли Мингус за врвни музички достигнувања.
Композиција изучува под менторство на Грег Хопкинс и Херб Померој, специјални студии по композиција и аражирање со Денис Грило (ученик на Пол Хиндемит), посетува семинари по композиција на Ѓорѓи Лигети и Лучијано Берио на Конзерваторијумот на Нова Англија и на Харвард.
Покрај голем број композиции за џез состави автор е и на синфониски дела, музика за филм, театар, перформанс и современ танц.
Професор е по џез гитара и композиција.
Настанот е реализиран со поддршка на Општина Битола и е дел од глобалната акција за прослава на Меѓународниот ден на џезот кој вклучува настапи и концерти во преку 100 земји во светот.