Суд во Вашингтон денеска го осуди првиот од стотината обвинети за напад на службено лице за време на безредијата во американскиот Капитол на 6 јануари 2021 година.
Се работи за Томас Вебстер, пензиониран полицаец од Њујорк кој работел и во обезбедувањето на поранешниот градоначалник на Њујорк, Мајк Блумберг.
Тој е првиот од околу 150 лица кои се обвинето за напад на полицски службеник, а кој имаше и обраќање во самоодбрана пред порота. Судот во Вашингтон пресуди дека е виновен под четири точки.
Првата осуда е поради тоа што тој лани на 6 јануари удирал полицаец од Вашингтон со метална рачка од знаме на маринците. Тој исто така беше осуден за попречување на работата на полицијата, незаконско преминување и агресивно однесување додека носел смртоносно оружје во Капитолот.
Лани на 6 јануари гневна толпа од поддржувачи на поранешниот претседател Доналд Трамп упадна во Капитолот на САД, а по негов претходен повик да се запре процедурата со конгресно гласање за назначување на новоизбраниот претседателски кандидат од демократите, Џо Бајден, за претседател на САД.
За Вебстер и за уште тројца обвинети, судијата назначи дата за изрекување на пресудата во септември.
Извор: МИА