Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш соопшти дека денеска пристигнал во Киев по разговорите во Москва со рускиот претседател Владимир Путин.
„Пристигнав во Украина по посетата на Москва. Ќе продолжиме со нашата работа за проширување на хуманитарната помош и обезбедување евакуација на цивилите од конфликтните зони. Колку побрзо заврши оваа војна, толку подобро – во име на Украина, Русија и светот“, напиша тој на својот официјален Твитер профил.
Претходно беше соопштено дека Хуманитарната служба на ОН формирала тим за евакуација на цивили од фабриката Азовстал, а претставници на Светската организација контактирале со Москва и Киев за да се подготват за операцијата, како што соопшти на брифингот Фархан Хак, заменик портпарол на Генерален секретар на ОН.
– Нашата хуманитарна служба подготвува тим на ОН за координирање на евакуацијата на цивилите од фабриката Азовстал во Мариупол, рече тој.
Хак истакна дека условите за започнување на евакуацијата од Азовстал генерално сè уште не се поставени, а контактите со руските и украинските власти продолжуваат.
– Ние работиме со руските и украинските власти и правиме се што е можно за да продолжиме што е можно поскоро. Имаше одредена воена активност. Треба да се погрижиме да биде запрена и ситуацијата да е таква што можеме да бидеме сигурни дека е безбедно за луѓето што ги извлекуваме. Се уште нема такви услови, рече тој.
Подготовките за евакуација на цивилите од Азовстал може да траат неколку дена, соопшти канцеларијата на генералниот секретар на ОН.
Извор: МИА