Со комеморативна свеченост, положување цвеќе и армиски почести денеска Општина Ѓорче Петров им оддаде почит на бранителите од село Волково кои загинаа во 2001 година.
Покрај семејствата на бранителите и градоначалникот Сокол Митровски, пред споменикот во село Волково цвеќе положија и Јохан Тарчуловски со делегација на Здружението Бранители Бедем од 2001, државниот секретар во Министерството за одбрана Сашо Стефановски со делегација од АРМ, здружението Прилепски Бранители, здужението Херои на Македонија, Советот на општината, претставници од политичките партии, од полициската станица Ѓорче Петров, здруженијата на борците и пензионерите, како и претставници од месните и урбаните заедници, училиштата, градинките, јавните институции и фирми, роднини, пријатели, граѓани.
– Историјата и спомениците бележат вкрстување на времиња и генерации, а тоа зборува дека нашите граѓани го негуваат споменот на нашите херои и им оддаваат почит на своите заслужни чеда. Спомениците на бранителите кои општината денес достоинствено ги чествуваше, ни порачуваат надеж и верба да истраеме во борбата за нашата самобитност и афирмација, беше истакнато на одбележувањето 12 години од смртта на бранителите.