Темата за европската интеграција на Западен Балкан доби друга димензија и стана прашање на безбедност, рече европратеникот и копретседател на Европските либерали АЛДЕ Илхан Ќучук за време на состанокот на форумот „ЕУ се среќава со Балканот“ во Софија, на кој политичари и експерти разговараат за чекорите кон зајакнување на регионалната соработка и интеграцијата во ЕУ.
Како што јави дописникот на МИА од Софија, според европратеникот Илхан Ќучук, Европската унија мора да и додели на Украина статус на кандидат за ЕУ уште во јуни оваа година. Тој посочи дека и денес слуша скептични гласови кои велат – Украина никогаш нема да биде дел од ЕУ и никогаш нема да добие кандидатски статус.
Во време кога ЕУ е обединета, мора да се направи најсилниот и најголемиот чекор за нејзините вредности, а тоа е да ѝ се даде на Украина статус на кандидат за ЕУ во јуни, рече тој и додаде дека очекува европските институции и пред сè, за Советот на ЕУ, да бидат на висината на својата одговорност.
Извор: МИА